Сивото свраче (науч. Lanius collurio) е месојадна врапчевидна птица од фамилијата на сврачињата Laniidae. Таа е честа птица во Македонија.
Сивото свраче е долго 16-18 см. Има изразен полов диморфизам. Мажјаците одозгора се црвеникави, одоздола слевтли со нијанса на розово, имаат сива капа, на опашката црно-бела шара и имаат карактеристична силно изразена црна линија преку окото. Женките и младенчињата одозгора се кафеавкави, а одоздола посветли со многу брановидни шарки.
Оваа птица е преселница на долги растојанија и се храни со големи инсекти, мали птици, жаби, глодари и гуштери. Како и другите сврчаиња, таа лови од видно место за перчење и го закачува пленот на трн или на жица. Оваа навика ѝ го донела прекарот „касапска птица“.
Сивото свраче се размножува речиси низ цела Европа и западна Азија, а зимува во тропска Африка. Во Велика Британија, некогаш птицата била вообичаена и честа, но нејзиниот број нагло се намалил во текот на 20 век. Во 1988 било последното гнездење, а следната година немало ниту еден пар. Оттогаш се појавуваат по 1 или 2 пара, кои во 2011 имале 7 пилиња, а следната 2012 ниту едно.[2][3]
Гнездото го прават на дрвја, во грмушки и ретко на земја. Тоа е силно, обично добро опфатено во крошната на дрвото. Најчесто несат 5-6 јајца, ретко 4 или 7. Ги инкубира само женката, а мажјакот ѝ носи храна. Тој агресивно се однесува кон предаторите за да го заштити гнездото, па дури може да нападне луѓе.
Сивото свраче (науч. Lanius collurio) е месојадна врапчевидна птица од фамилијата на сврачињата Laniidae. Таа е честа птица во Македонија.