Обичниот кос (науч. Turdus merula) е врапчевидна птица од фамилијата дроздови. Се размножува во Европа, вклучувајќи ја и Македонија, Азија и северна Африка, а населен е и во Австралија и Нов Зеланд. Има многу подвидови низ неговиот широк опсег, а некои од азиските веќе се сметаат за посебни видови. Зависно од местото на живеење (климата), оваа птица може да биде резидентна (постојан жител), преселничка, или делумно преселничка.
Мажјакот од овој вид, кој е распространет низ цела Европа, е целиот црн, освен жолтиот клун и жолтиот прстен околу очите. Има богата мелодична песна. Женките и младенчињата имаат темно кафеаво перје. Косот се размножува во шуми и градини и изградува многу уредно, во облик на чаша, обрабено со кал, гнездо. Во поглед на исхраната се сештојади, хранејќи се со инсекти, црви, семе, плодови итн.
Двата пола се територијални на местото на размножување, со впечатлив заплашувачки однос кон потенцијалните напаѓачи. Подружељубиви се за време на преселбата или на местата каде што зимуваат.
Обичниот кос е опишан од Linnaeus во 10 издание на неговата Systema Naturae во 1758 под името Turdus merula.[2] Биномниот назив произлегува од два латински збора turdus, „дрозд“, и merula, „црна птица“. Има околу 65 вида средни до големи дроздови од родот Turdus, кои се карактеризираат со заоблена глава, долгнавести зашилени крилја, и вообичаено мелодични песни.[3]
Подвидовите во оваа статија се според Clement et al. (2000).[3]
Обичниот кос е распространет низ умерена Евроазија, Северна Африка, Канарски Острови и јужна Азија. Населен е од страна на луѓето и во Австралија и Нов Зеланд.[3] Популациите што живеат на југ и запад од опсегот се постојани жители (резидентни), а оние што живеат понасевер се птици преселници и зимата ја минуваат во северна Африка и тропска Азија.[3] Мажјаците што живеат во градските средини повеќе презимуваат во постудена клима од оние кои живеат надвор од урбаната средина, заради потоплата микроклима и изобилството од храна. Тие го започнуваат размножувањето порано.[6]
Живеалиштето на косот се листопадните дрвја со многу грмушки, но градините му се најомилени, каде има најдобри услови за размножување. Обично има по 7,3 пара на хектар, а во отворените шуми само десетина од тоа.[7] Живее на повисоки места, над 1000 метри надморска височина во Европа, 2300 во северна Африка, 900-1820 во Индија и Шри Ланка, а подвидот на Хималаите и на висина од 3200 до 4800 метри.[3]
Обичниот кос (подвидот T. m. merula) е 23.5 до 29 см долг, има долга опашка, и тежи 80–125 грама. Возрасниот мажјак има сјајно црно перје, црнокафеави нозе, жолт прстен околу очите и портокаловожолт клун. Клунот понекогаш потемнува во зима. Возрасната женка е пепелавокафеава, со бессјајно жолтокафеав клун, кафеавкасто-бел врат и малку ишарани гради. Младенчињата се исти со женките, но имаат посветли точки одозгора, како и на градите. Кафеавата нијанса на пердувите варира кај младите птици, но тие што се потемни, најверојатно се мажјаци.
Мажјакот кос ја брани својата територија на размножување бркајќи ги другите мажјаци и изведувајќи заканувачки движења како „клукни и бегај“. Ова се состои од кратко трчање, па прво главата се поткрева, па се наведнува истовремено со кревање на опашката. Ако борбата меѓу мажјаците се случи, таа е обично кратка и набрзо натрапникот е избркан. Женскиот кос е, исто така, агресивен напролет, кога се натпреварува со другите женки за добра вгнездувачка територија, и иако нивните борби се поретки, тие имаат тенденција да бидат понасилни.[7]
Најверојатно, изгледот и бојата на клунот играат улога во животот на косовите. Мажјаците што ја бранат територијата реагираат поагресивно кон оние што имаат портокалови клунови отколку кон тие со жолти, а најмалку кон косовите со кафевкасти клунови, типични за младите едногодишни косови. Женките се релативно рамнодушни кон бојата на клунот, иако, сепак, повеќе реагираат на оние што имаат посјаен клун.[8]
Сè додека има храна преку зимата, и мажјаците и женките ќе останат на територијата за размножување преку целата година. Преселниците се собираат во помали јата, и нивниот лет се разликува од вообичаениот. Тој се состои од рафално брзо замавнување со крилјата и моменти на лебдење.
Мажјакот ја привлекува женката изведувајќи разни додворувачки движења што содржат кружни трчања комбинирани со поклонувања со главата, отварање на клунот и пригушена, тивка песна. Женката останува неподвижна додека не започне да ја крева опашката и да дозволи копулација.[7] Косовите се моногамни и парот осатнува заедно додека се живи. Парот може да се раздели ако нема потомство или ако размножувањето е многу слабо.[9]
Гнездото го прават во облик на чашка и го сместуваат во грмушки или зимзелени дрвја, а понекогаш и на градби (кровови). Го гради само женката и во него несе 3-5, најчесто 4 синкавозелени јајца со кафеавицрвени дамки.[7] Женката ги квачи јајцата 12-14 дена, а потоа се испилуваат голи и слепи пилиња. Оперјувањето трае уште 10-19 дена додека ги хранат и двата родитела. Тие ги хранат уште три недели по напуштањето на гнездото. Малечките ги следат родителите молејќи ги за храна. Ако женката започне ново легло, мажјакот продолжува да ги храни младенчињата.[7] Второ легло е вообичаено, а го користат истото гнездо, ако претходното легло било успешно.
Просечниот животен век на косовите е 2,4 години, но најстариот забележан бил на возраст од 21 година и 10 месеци.[10]
Едногодишниот мажјак може да започне со пеење најрано при крајот на јануари, на убаво време, да започне да ја означува својата територија, следен при крајот на март од возрасен мажјак. Песната на мажјакот е разновидна, мелодична, течна, со понизок тон, силна. Обично пее качен на повисоко, на дрвја, кровови и сл., од март до јуни, и евентуално до јули. Има голем број повици, вклучувајќи го агресивното сииии, пук-пук-пук, како тревога од предаторите по земја, на пр. мачките, и разни чинк и чук-чук вокализации. Територијалните мажјаци секогаш го произведуваат чинк-чинк повикот навечер со намера да ги избркаат останатите мажјаци од својата територија за размножување (обично безуспешно).[7]
Косот е сештојад, јаде секакви инсекти, црви, семиња, бобинки, овошје, итн. Претежно се храни на земја, поттрчнувајќи и потскокнувајќи. Црвите ги здогледува и ги извлекува од земја, а поретко копа за да ги пронајде. Понекогаш лови мали ’рбетници и како жаби, полноглавци и гуштери. Исто така, брсти во грмушките каде собира бобинки, гасеници и други активни инсекти.[7] За време на сезоната на парење храната е претежно животинска, а наесен може да преовладува растителната. Плодовите, овошјето што го јаде, зависи од поднебјето каде живее.[3]
Во градските средини најголема закана за косот се мачките, а во природата, лисиците и некои грабливи птици, како јастребот врапчар.[11]
Понекогаш косот е домаќин на кукавицата, но ретко зашто ги распознава немимикричките јајца и ги отфрла.[12] Бидејќи се храни на земја, може да биде жртва на разни паразити, а особено на крлежи.
Косот е еден од бројните видови кои се способни да спијат со едната половина од мозокот, што им овозможува и ноќе да бидат внимателни, како и при преселбата да издржуваат подолги летови.[13]
Статусот на косот е „најмалку загрижувачки“, широко распространет на 10 милиони квадратни километри и со популација од 79 до 160 милиони единки само во Европа. [1]
Во старогрчкиот фолклор косот е претставен како света птица, иако малку деструктивна, а се верувало дека месото ѝ е отровно.[14] Како многу други мали птици, и косот во минатото се користел како прилог во јадењето, кој било лесно достапен за лов. За разлика од другите црни птици, косот не е симбол на несреќа и смрт. Косот е национална птица на Шведска[15] и ја има на поштенската марка од 1970 година.[16] Зборот кос, е поврзан и со Косово, означувајќи место со косови, како и Косово Поле.[17]
Косот се јавува како тема во уметноста и во популарната култура, како:
Обичниот кос (науч. Turdus merula) е врапчевидна птица од фамилијата дроздови. Се размножува во Европа, вклучувајќи ја и Македонија, Азија и северна Африка, а населен е и во Австралија и Нов Зеланд. Има многу подвидови низ неговиот широк опсег, а некои од азиските веќе се сметаат за посебни видови. Зависно од местото на живеење (климата), оваа птица може да биде резидентна (постојан жител), преселничка, или делумно преселничка.
Мажјакот од овој вид, кој е распространет низ цела Европа, е целиот црн, освен жолтиот клун и жолтиот прстен околу очите. Има богата мелодична песна. Женките и младенчињата имаат темно кафеаво перје. Косот се размножува во шуми и градини и изградува многу уредно, во облик на чаша, обрабено со кал, гнездо. Во поглед на исхраната се сештојади, хранејќи се со инсекти, црви, семе, плодови итн.
Двата пола се територијални на местото на размножување, со впечатлив заплашувачки однос кон потенцијалните напаѓачи. Подружељубиви се за време на преселбата или на местата каде што зимуваат.