Белоопашести орел или морски орел (науч. Haliaeetus albicilla) — голема граблива птица од фамилијата на јастребите. Оваа птица ја имаме и во Македонија.
Белоопашестиот орел се размножува во северна Европа и северна Азија. Најголема популација од овој орел има на крајбрежјето на Норвешка. Во 2008 година популацијата изнесуваше 9.000 до 11.000 двојки. Птицата е претежно резидентна (постојан жител), освен оние кои живеат многу на север, во источна Скандинавија и Сибир. Се селат на југ зимно време. Птиците од источна Русија ретко мигираат во Алјаска.
Мала издвоена популација се постојани жители на југозападен Гренланд и западен Исланд. Порано бил предложен да се издвои како посебен подвид groenlandicus заради големината и пропорциите на телото. Сега, овој вид се смета за монотипичен. Гренландскиот белоопашест орел е релативно нова популација која нема акумулирано многу уникатни карактеристики. Тие се демографски изолирани и заслужуваат специјална заштита.
Белоопашестиот орел е криптичен пар со белоглавиот орел.
Белоопашестиот орел е многу голема птица, со должина од 66 до 94 см и распон на крилјата од 1.78 до 2.45 метри, што во просек е најголемиот од сите видови.[2][3] Женките тежат од 4 до 6.9 кг, и се малку поголеми од мажјаците, кои тежат од 3.1 до 5.4 кг.[2] Најтежок орел од овој вид е забележан во Шкотска со 7.5 кг, а неодамна е регистрирана огромна женка во Гренланд со распон на крилјата од 2.53 метри.[4][5] Овој вид има широки крилја, голема глава и голем дебел клун. Возрасните се главно сивкавокафеави, освен што им се малку посветли во главата и вратот, имаат црни летачки пердуви и препознатливата бела опашка. Сите голи делови им се жолти, вклучувајќи ги и клунот и нозете. Кај младенчињата опашка и клунот се потемни, а опашката станува бела со темна црна лента кога птицата е речиси возрасна. Комбинацијата на сивкавокафеавата боја, широките, рамномерни крилја, белата опашка, силниот жолт клун и големите димензии го прават белоопашестиоѕ орел непогрешно препознатлив меѓу орлите.[2]
Утврдено е дека некои индивидуи живеат над 25 години, [6] но 21 година им е просечен животен век.[7]
Исхраната на белоопашестиот орел е променлива, опортунистичка и сезонска. Грабливците вклучуваат риби, птици и цицачи во својот лов, а многу индивидуи живеат крадејќи ја храната од други животни и птици, како корморани, галеби и други грабливи птици.[2] Мршата е често основна храна за време на зимата, особено рибите и копитарите, но и сите други животни, вклучувајќи го и човекот.[2][8] Но, орлите се и моќни ловци, исто така. Секоја риба што ќе се доближи до површината е потенцијален улов за белоопашестиот орел.[2] Рибниците и езерцата со крапови, ако е возможно, често ги експлоатираат.[2] Иако понекогаш убиваат копнени птици, сепак, нивна мета се водните птици.[2]На Балтикот, тие се хранат претежно со морски птици, а неодамна е регистрирано дека нападнеале и изеле голем корморан, а во одредени ситуации знаат да уништат и цели колонии.[9] Во Естонија, 25 двојки морски орли биле набљудувани како симултано убиваат колонија корморани.[10] Сепак, најчест плен на белоопашестиот орел се: морските нуркачи, нуркачите, патките, гуските, па дури и лебедите; а од цицачите, сите животни од големина на глушец па до јагне.[2]
Белоопашестиот орел сексуално созрева на возраст од четири до пет години. Се спарува за цел живот, но ако едниот умре, се заменува со друг партнер. Врската се создава кога ќе се одбере местото за гнездење. Тие имаат карактеристично воздушно додворување кое кулминира со фаќање за канџите и заедничко спуштање кон земјата правејќи разни пируети. За тоа време се огласуваат, за разлика од златниот орел. Огласувањето понекогаш може да биде дует. Гнездото е огромна градба од гранки, сместена на дрво или на крајбрежни гребени. Тие се територијални, па гнездото често го користат со години, па дури и со децении. Се случува гнездото да го користат и следните генерации, па така, во Исланд едно гнездо било користено над 150 години.[11] Територијата на белоопашестиот орел е меѓу 30 и 70 км², на крајбрежните локации. На копно, се среќава крај езера и реки. Територијата на овој орел може да се преклопи со територијата на златниот орел, а конкуренцијата меѓу нив не е голема. Златниот орел повеќе сака планински предели и пусти рамнини, а белоопашестиот, пак, сака крајбрежја и море. Спарените двојки несат едно до три јајца годишно. Ги квачат двата родитела 38 дена. Откако ќе се испилат, пилињата се релативно толерантни едно кон друго, иако првоиспиленото е секогаш поголемо и подоминантно за време на хранењето. Претежно женката е таа што ги одгледува и ги храни младенчињата, а мажјакот е во близина и ја презема грижата одвреме-навреме. Младите се способни да се хранат за пет-шест недели, а се оперјуваат за 11-12 недели, останувајќи во близина на гнездото и зависејќи од родителите уште 6 до 10 недели.
Вишокот пилња понекогаш се земани од гнездото за да се искористат во програмата за обновување на видот во подрачјата каде изумреле. Ако останат во гнездото, тие ќе бидат убиени од првороденото, порано или подоцна, како кај повеќето орли. Во ваквите програми птиците се одгледувани на тој начин што нема да го гледаат човекот што ги храни, сè додека не пораснат доволно за да се хранат самостојно.
Белоопашестиот орел е алфа-предатор. Тие ја доживуваат биоакумулацијата од загадената животна средина присутна во нивниот плен, а исто така страдаат од овчарите и ловците на дивеч кои сметаат дека орлите се закана за овците и дивечот. Во периодот 1800-1970, белоопашестиот орел претрпе драматичен пад во популацијата и стана исчезнат вид во многу региони на западна, централна и јужна Европа. Интензивната конзервација, забраната за лов, заштита на местата за размножување, зимската исхрана, доведе до обновување на многу локални популации.
Белоопашестиот орел е национална птица на Германија и го има на војничките амблеми. Се верува дека на војничките амблеми на Полска и Србија е белиот орел.[12] Морскиот орел обично е претставуван со риба во клунот за да се разликува од обичниот.
Во Оркни, (Шкотска) коски од морски орел се пронајдени во гробници стари 6000 години, што сугерира дека птиците биле одгледувани од тогашните луѓе, а тврдењето се поткрепува и со цртежи на орлите во пештерите во таа област.[7]
На Шетландските Острови, рибарите веруваат дека штом ќе се појави орелот, рибите испловуваат на површина со стомакот нагоре, па затоа некои рибари користат маст од орел да го зголемат својот улов.[7]
Live view of a nest with 2 eglets is transmitted since April 10, 2012 from Poland at http://www.lasy.gov.pl/bielik
Белоопашести орел или морски орел (науч. Haliaeetus albicilla) — голема граблива птица од фамилијата на јастребите. Оваа птица ја имаме и во Македонија.