Галеби (науч. Laridae) — семејство крајбрежни птици (морски, езерски, речни), средни до големи, со бело или сиво перје, често со црни дамки на главата или крилјата.
Зависно од видот, големината на галебите се движи од најмалиот кој тежи 120 г и е долг 29 см, до најголемиот кој е тежок 1,75 кг и долг 76 см. На поголемите видови потребни им се 4 години сосема да созреат и да имаат перје на возрасни, а на помалите за тоа им треба 2 години. На нозете имаат три прста нанапред поврзани со пливачка кожичка (ципа) и еден прст, речиси сосема закржлавен, свртен наназад. Клунот им е релативно долг и тенок, малку свиен надолу. Бојата на клунот често е жолта со црвена точка кај белоглавите поголеми галеби, и црвен, темно црвен или црн кај помалите галеби.[1]
Најголемиот број галеби живеат во умерените и постудените делови на двете хемисфери. Живеат на бреговите од морето или езерото, понекогаш и подлабоко во копнениот дел, а многу ретко се впуштаат во лет на отворено море. Галебите, особено поголемите видови, се многу интелигентни птици,[2] кои користат сложена комуникација и имаат многу развиена социјална структура.[3] На пр. тие често се здружуваат во групи заради одбрана од предатори, некои од нив покажале способност за користење примитивни алати[4] итн. Многу видови галеби се успешни во соживотот со луѓето.[5] Најдолг животен век забележан е за сребренестиот галеб и изнесува 49 години.[6]
Галебите се гнездат во големи, густи и бучни јата. Гнездото е направено од вегетација и во него снесуваат 2-4 јајца кои агресивно ги бранат. Јајцата ги лежат наизменично обата родитела во период од 3 до 5 недели. Кога ќе се излегнат, пилињата веднаш се способни да трчаат и пливаат, но им требаат 3-9 недели за да почнат да летаат, а дотогаш остануваат во гнездото каде родителите ги хранат.
Повеќето од галебите се хранат со месо, а некогаш се случува да јадат и мрши. Обично јадат ракови и ситни риби. Но, сепак, општо земено, галебите јадат сè што ќе им биде понудено од луѓето, нивните остатоци, и секаква храна - растителна и животинска. Како и другите птици од нивниот ред (барските птици), и галебите пијат и солена и слатка вода. Тие имаат егзокрини жлезди со кои натриум хлоридот можат да го исфрлат преку ноздрите што им помага на бубрезите во одржувањето на електролитната рамнотежа.[7]
Вид Larus
Вид Ichthyaetus
Вид Leucophaeus
Вид Chroicocephalus
Род Saundersilarus
Род Hydrocoloeus
Род Rhodostethia
Род Rissa
Род Pagophila
Род Xema
Род Creagrus
Галеби (науч. Laridae) — семејство крајбрежни птици (морски, езерски, речни), средни до големи, со бело или сиво перје, често со црни дамки на главата или крилјата.