Карпест дрозд или дрозд камењар (науч. Monticola saxatilis) — птица која припаѓа на фамилијата муварчиња (Muscicapidae), порано сместена во дроздовите (Turdidae).
Се размножува низ јужна Европа, вклучувајќи ја и Македонија, преку централна Азија, до северна Кина. Таа е исклучиво птица преселница која зимува јужно од Сахара.
Редок посетител е на северна Европа. Нејзиниот опсег се симнал надолу, кон југ, најверојатно заради уништувањето на животната средина. На пример, во почетокот на 20 век, таа се размножувала во Полска, каде денес ја нема,[2] но, нејзината популација не е загрозена на глобално ниво.[1]
Карпестиот дрозд е средно голема птица, но крупен дрозд, кој е долг 17-20 см. Летно време мажјакот е непогрешлив. Тогаш има синосива глава, портокалов е одоздола и на надворешниот дел од опашката, иам темно кафеави крилја и бел грб.
Женките и младенчињата не се толку впечатливи. Тие одоздора се крлушесто темно кафеави, а одоздола светло кафеави. Надворешниот дел од опашката е црвенкав, како кај мажјаците.[3]
Оваа птица се размножува во отворени, суви планински предели, обично под 1500 метри надморска височина, а во појужните краишта и до 3000 метри. Таа е сештојад и се храни со широк спектар инсекти, бобинки и мали влекачи.
Песната на карпестиот дрозд е јасна и милозвучна.[3] На местата на гнездење, може да се слушне пеењето на мажјакот како звук на флејта, дури и во лет.
Гнездото го градат во пукнатините на карпите, во пештери или на испакнатите делови од гребените, на височина и до 7 метри. Некои парови гнездата ги прават на земја. Несат 4-6 јајца кои ги лежи женката во период од 14 до 16 дена. По околу 14 дена младенчињата го напуштаат гнездото, но родителите ги хранат уште две недели. Потоа, тие се растураат и живеат сами до следната сезона на парење.
Карпест дрозд или дрозд камењар (науч. Monticola saxatilis) — птица која припаѓа на фамилијата муварчиња (Muscicapidae), порано сместена во дроздовите (Turdidae).