Чапји (науч. Ardeidae) — семејство долгоноги птици од редот на пеликановидните (Pelecaniformes) кои живеат крај вода, и има околу 64 вида. Класификацијата на поодделни видови задава тешкотии, па понекогаш може да се сместат во нови редови и семејства. Тие се слични со штрковите, ибисите и лажичарките, а се разликуваат од нив по начинот на летање, бидејќи летаат со згрчен врат (а не со испружен).
Чапјите се средни до големи птици, со долги нозе и вратови. Тие покажуваат сосема мал полов диморфизам во својата големина. Најмалатите чапји се долги 30 cm, а најголемите 152 cm. Вратот може да го држат во форма на S, да го издолжуваат и да го згрчуваат. Го држат згрчено за време на летање, за разлика од сите други долговрати птици. Нозете им се долги и силни, и речиси кај сите видови долниот дел им е без пердуви. Кога летаат, нозете и стапалата им се наназад. На нозете имаат долги тенки прсти, од кои три им се свртени нанапред, а еден наназад.[1] Клуновите им се обично долги и во облик на харпун. Варираат од многу фини, елегантни, до затапени и дебели. Клуновите, како и другите делови без перја им се обично жолти, црни или кафени, но и тие бои може да се менуваат во сезоната на парење. Пердувите на чапјите се меки, а перјето е сино, црно, кафено, сиво или бело.
Чапјите се месојадци. Тие живеат крај вода, и нивната исхрана се состои претежно од водни животни: риби, водоземци, влекачи, водни инсекти и сл. Ловат, така што мирно стојат крај водата и чекаат пленот да се приближи во нивниот домет. Понекогаш, прават сенка со своите крилја, за подобро да гледаат во водата и се наведнуваат подолу, за клунот да им е поблиску до пленот. Кога ќе го здогледаат пленот, се движат малку лево-десно, да ја проценат положбата и потоа го прободуваат со својот клун. Во ловот, може да бидат и поактивни, а не само да стојат и чекаат, одејќи полека и гонејќи го пленот откако ќе го здогледаат. Понекогаш ги употребуваат нозете, за да го избркаат скриениот плен.[2]
Чапјите се моногамни и претежно се размножуваат во колонии. Во колониите може да живеат повеќе видови чапји како и други видови водни птици.[3] Прво мажјаците доаѓаат и го градат гнездото и со свои изведби ги привлекуваат женките. Откако ќе се спарат, заеднички продолжуваат да го градат гнездото. Гнездата ги градат до или над вода, врз вегатеација, ретко на земја.[1][3] Некои видови гнездата ги прават вискоко на дрвјата.[1] Вообичаено, чапјите излегнуваат 3-7 јајца. Тие се сјајно сини или бели, освен кај големите чапји кои имаат маслинасто-кафени јајца.[1]
Во 2008 година, по извршените анализи и студии, семејството на чапјите беше ставена во редот на пеликановидните,[4] а претходно беа во редот на штрковидните.[5]
Во семејството на чапјите се разликуваат неколку потсемејства со нивните родови:
потсем. Tigrisomatinae
потсем. Botaurinae
потсем. Ardeinae
Чапји (науч. Ardeidae) — семејство долгоноги птици од редот на пеликановидните (Pelecaniformes) кои живеат крај вода, и има околу 64 вида. Класификацијата на поодделни видови задава тешкотии, па понекогаш може да се сместат во нови редови и семејства. Тие се слични со штрковите, ибисите и лажичарките, а се разликуваат од нив по начинот на летање, бидејќи летаат со згрчен врат (а не со испружен).