Дрозд пејач (науч. Turdus philomelos) — птица од фамилијата дроздови (Turdidae), распространета во Европа и Азија. Оваа птица e постојан жител во Македонија. Одозгора таа е кафеава, а одоздола кремава со црни точки. Нејзината препознатлива песна која има повторливи музички фрази, често се спомнува во поезијата. Се размножува во шумите, градините и парковите, и е делумно птица преселница во јужна Европа, Северна Африка и Среден Исток. Населена е во Нов Зеланд и Австралија.
Дроздот пејач за првпат е опишан од германскиот орнитолог Кристијан Лудвиг Брем во 1831 година, под денешното научно име Turdus philomelos.[2] Има три подвида:
Дроздот пејач е долг 20-23.5 см и тежи 50-107 грама. Половите се слични, со бледо кафеава боја на грбот и кремави или месо боја одоздола, која станува посветла на стомакот, со уредни црни точки. Долниот дел од крилјата им е топла жолта боја, клунот е жолтеникав воосновата и темно кафеав на врвот, а нозете розови.[3]
Најслична на оваа птица е лисестиот дрозд (T. iliacus), но тој има сетла линија над окото, црвени слабини и крилата одоздола се црвени, што се гледа во лет.[3]
Повикот му е кратко, остро цип или сип при преселба. Кога е вознемирен испушта чук-чук звук кој станува пократок и поостар со зголемување на опасноста. Песната на мажјакот од дрва, врвови на покриви или други погодни мест за перчење е гласна, јасна мелодија од музички фрази кои се повторуваат 2-4 пати прекинати со иритирачки ноти или разни мимикрии. Обично пее од февруари до јуни.[3] Според тежината, оваа птица има еден од најсилните гласови меѓу птиците.[4]
Еден мажјак може да има репертоар повеќе од 100 фрази,[5] повеќето од нив преземени од родителите или од соседните птици. Мимикријата вклучува подражавање звуци и од човечки апарати, како што е ѕвонење на телефон.[6]
Дроздот пејач се размножува во поголемиот дел од Европа (иако не на Пиринејски Полуостров, низински делови на Италија или јужниот дел на Грција), и преку Украина и Русија речиси до Бајкалско Езеро. Тоа достигнува до 75° северна географска ширина во Норвешка, но само до околу 60° во Сибир. Птиците од Скандинавија, Источна Европа и Русија зимуваат околу Медитеранот, Северна Африка и на Блискиот Исток, а само некои од птиците од поблагите западни делови на опсегот ги напуштат своите области за размножување.[3]
Оваа птица е населена во Нов Зеланд и Австралија меѓу 1860 и 1880 година и набрзо таму го проширила својот опсег.[7] Како доведен вид, таа не е заштитена во Австралија, и може да биде убиена во секое време.[8]
Дроздот пејач гнезди во шуми со грмушки, но во околината да има отворени области. Во западна Европа користи градини и паркови. Се размножува над линијата на шумите до 2.200 метри надморска височина во Швајцарија. Во областите каде интензивно се обработува земјата, градините се важен дел од неговото живеалиште. Зимското живеалиште е слично на она за размножување, само што ги избегнува голите и изложени предели, [9] иако островскиот подвид T. p. hebridensis често може да се види на крајбрежјата зимно време.[3]
Дроздот пејач вообичаено не е многу дружељубив, но може да се видат неколку птици во заедничко седало зимно време или слабо поврзани во јато ако има добра средина за хранење. За разлика од некои други дроздови, овој, редовно се враќа на истото место за зимување.[9]
Ова е моногамен, територијален вид, и во областите каде е преселник, мажјакот целосно повторно ја воспоставува својата територија и почнува да пее веднаш штом ќе се врати од преселба. Во потоплите предели, каде птиците не се преселници, мажјакот постојано ја чува својата територија, повремено пеејќи, но женките може да имаат посебна зимска територија до пролетта кога паровите повторно се заедно.[9]
При преселбите дроздот пејач патува претежно ноќе и има силен и директен лет. Летаат во мали и нестабилни јата и го преминуваат морето наеднаш, на долга релација често повикувајќи се, за да не се загубат едни со други.[3] преселбата може да започне доста рано, кон крајот на август, од посеверните делови, но претежно се селат од септември до декември, од појужните. Лоште временски услови можат да предизвикаат селидба појужно. Враќањето варира, од средината на февруари, околу Медитеранот, до мај во северна Шведска и Сибир.[3] Скитници се забележани во Гренланд, на некои атлантски острови и во западна Африка.[3]
Женката дрозд прави уредно гнездо во облик на чашка обрабено со мов и сува трева, кое го сместува на дрво, позлавец или во случај на подвидот Hebridean, на земја. Таа несе 4-5 сјајни светло сини јајца, кои се малку испрскани со виолетово или црно.[3] Само женката ги лежи јајцата во период од 10 до 17 дена и уште толку им треба на пилињата да се оперјат. Две до три легла годишно се вообичаени, или само едно на север од опсегот.[3]
Дроздот пејач е сештојад, јаде широк спектар без’рбетници, особено црви и полжави, како и меки овошја и бобинки. Како и сродниот на него, обичен кос, и овој дрозд ја наоѓа својата храна со поглед, со трчи-застани техника на отворена земја, и со превртување на купчиња лисја за да најде храна под нив.[3]
Полжавите се особено важни во исхраната на дроздот пејач и тој има свој омилен камен, кој му служи како наковална од каде ја крши черупката за да го јаде мекото тело. Претходно, секогаш го брише од земјата.[9] Младите птици прво само си играат со полжавите додека не научат како да им ја скршат черупката.[10]
Оваа птица има широка распространетост од 10 милиони км² и популација од 40 до 71 милион, само во Европа,[1] па затоа е во категоријата на вид со најмала загриженост.[1]
Карактеристичното пеење на дроздот, со повторливите фрази е опишано од британскиот поет Роберт Браунинг, од 19 век, во песната „Мисли за дома, од туѓина“. Пеењто на оваа птица, исто така, ги инспирирало: британскиот поет Томас Харди[11], Тед Хјуз[12], и Едвард Томас, кој напишал 15 песни за косот и дроздот.
Дроздовите биле ловени за храна уште пред 12.000 години.[13] Ран запис за тоа имаме во Хомеровата Одисеја: „Тогаш, како гулаби или дроздови мавтаат со своите раширени крилја да се спасат од замката во грмушките, кои наместо пријатното гнездо се дочекани од страшниот кревет“."[14] Ловот продолжува и денес, особено на Медитеранот, но се верува дека не е голем фактор во намалувањето на популацијата.[15]
Уште од XIX век, дроздот пејач се чува и како милениче, во кафез, заради неговото мелодично пеење.[16]
Дрозд пејач (науч. Turdus philomelos) — птица од фамилијата дроздови (Turdidae), распространета во Европа и Азија. Оваа птица e постојан жител во Македонија. Одозгора таа е кафеава, а одоздола кремава со црни точки. Нејзината препознатлива песна која има повторливи музички фрази, често се спомнува во поезијата. Се размножува во шумите, градините и парковите, и е делумно птица преселница во јужна Европа, Северна Африка и Среден Исток. Населена е во Нов Зеланд и Австралија.