Каранфил (науч. Dianthus) — род со околу 300 вида на цветни растенија од фамилијата каранфили (Caryophyllaceae). Автохтони се на Европа и Азија, со неколку вида во северна Африка и еден вид (D. repens) во Северна Америка. Во Македонија и разни други земји, каранфилот (поточно градинарскиот каранфил) е симбол на првомајството и партизанското движење.
Опис
Претставниците на родот се претежно зелјести и повеќегодишни, со тоа што некои се едногодишни и двегодишни. Некои имаат облик на полугрмушки со дрвенести стебленца. Листовите се спротиставени, прости и линеарни со сивозелена до синозелена боја. Цветовите имаат по пет ливчиња со набрани рабови и (речиси сите) имаат светлорозова до темнорозова боја. Еден вид (D. knappii) има жолти цветови со виолетова средина. Извесни повеќегодишни видови имаат карактеристичен опоен мирис.
Ендемски каранфили во Македонија
Во Македонија виреат разни видови на каранфили, од кои некои се заеднички за поширокиот регион или континентот, но некои се ендемски:
-
галичички каранфил (Dianthus galicicae ) — на варовничка подлога во месноста Војтина на планината Галичица, југозападна Македонија.[1]
-
јабланички каранфил (Dianthus jablanicensis ) — субалпскиот појас на планината Јабланица, југозападна Македонија.[2]
-
јакупички каранфил (Dianthus jacupicensis ) — на Солунска Глава и Марина Дупка, во состав во високопланинскиот појас на планината Јакупица, централна Македонија.[3]
-
кајмакчалански каранфил (Dianthus kajmaktzalanicus ) — на планината Кајмакчалан, јужна Македонија.[4]
-
капински каранфил (Dianthus kapinaensis ) — долното течение на реката Треска, Барбарос кај Македонски Брод, кај Капина и Оча во Поречието и во с. Нова Брезница во околината на Скопје. [5]
-
македонски каранфил (Dianthus macedonicus) — на планината Крчин, западна Македонија.[6]
-
охридски каранфил (Dianthus ohridanus ) — на планината Галичица, југозападна Македонија.[7]
-
пелистерски каранфил (Dianthus myrtinervius ) — во алпскиот и субалпскиот појас на Пелистер (Баба Планина), југозападна Македонија. Фигурира на Црвениот список на МСЗП (1997) како загрозен вид.[8]
-
прилепски каранфил (Dianthus prilepensis ) — Маркови Кули, Трескавец, Плетвар, Селечка Планина и Мариово во околината на Прилеп и с. Светораче, Кичевско.[9]
-
скопски каранфил (Dianthus skopjensis ) — во клисурата на реката Треска, меѓу Козјак и Нова Брезница.[10]
Одгледување
Каранфилот има подолга историја на одгледување и вкрстување, па затоа постојат илјадници градинарски и цвеќарски сорти со многу нијанси на бела, розова, жолта и црвена боја и огромна разновидност на облици и белези. Одгледуваните каранфили можат да се поделат на обрабени, вечноцутни, малмезонски, старински, современи и планински.[11]
Некои видови
Поврзано
Наводи
-
↑ „каранфил, галичички“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, јабланички“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, јакупички“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, кајмакчалански“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, капински“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, македонски“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, охридски“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, пелистерски“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, прилепски“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ „каранфил, скопски“. Македонска енциклопедија , книга : стр. . (2009). Скопје: МАНУ.
-
↑ RHS A-Z encyclopedia of garden plants. United Kingdom: Dorling Kindersley. 2008. стр. 1136. ISBN 1405332964.