Златното блатарче или европското златно блатарче (науч. Pluvialis apricaria) e малку поголемо од сличните на него, американско златно блатарче Pluvialis dominiica и пацифичкото златно блатарче Pluvialis fulva, кои освен што се помали се и потенки и со малку подолги нозе. Исто така, пердувите за летање им се сиви, а не бели (се гледаат само при лет). Оваа птица е распространета низ посеверните делови на Европа и западна Азија. Таа е птица преселница која зимува во јужна Европа и северна Африка. Ја има и во Македонија.
Возрасните единки во сезоната на парење се со златни и црни точки на круната, грбот и крилјата. Ликот и вратот им е црн обрабен со бело, градите им се црни и имаат темна опашка. Нозете, исто така, им се црни. Зимно време, црната боја им се губи и тогаш ликот и градите им се жолтеникави, а одоздола се бели.
Живеалиштето на златното блатарче се мочурливите и влажни предели на Европа и Азија. Тие гнездат на земја, на сув и отворен простор. Птици преселници се, кои зимуваат во јужна Европа и северна Африка. Околу 500.000 птици зимуваат во Ирска и Велика Британија. Иако е вообичаена птица, поради нарушувањето на животната средина во минатото, таа во некои земји повеќе не гнезди, како на пример, во Полска, каде се појавува само како заскитана.
Гнездото претставува плитка дупка во земјата покриена со малку растителен материјал. Обично се наоѓа на отворена земја, многу ретко заштитено во трева. Несат 4 јајца во период од 2-3 дена, со големина од 52 мм и жолтокафеава боја со потемни точки. Обата родитела наизменично ги квачат јајцата триесетина дена. Откако ќе се испилат, малите веднаш го напуштаат гнездото и се способни да се хранат самостојно, но остануваат под надзор на своите родители. Ако до гнездото се приближи предатор, возрасните им го одвлекуваат вниманието и ги оддалечуваат од него.
Овие птици ја пасат храната во тундрите, полињата, крајбрежјата, обично она што ќе го здогледаат. Се хранат и на месечева светлина. Јадат инсекти, ракчиња и бобинки.
Златното блатарче е еден од видовите на кои се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици-преселници.