Нилски коњ (науч. Hippopotamus amphibius, од стаогр. ἱπποπόταμος (хипопотамос, ιππος хипос што значи „коњ“ и πόταμος потамус што значи „река“) — голем, претежно тревопасен африкански цицач, еден од двата преживеани видови од семејството на нилските коњи (другиот преживеан вид е пигмејскиот нилски коњ). Тој е најтешкиот претставник од парнокопитните животни.
Нилскиот коњ е полуводно животно, кое живее во реките и езерата на Супсахарска Африка во групи од 5 до 30 нилски коњи. Преку денот ја одржува температурата седејќи во вода или во кал. Парењето и породувањето се одвиваат во вода. Во квечерината излегуваат од вода за да се хранат. Додека се во вода, нилските коњи седат во групи (и до 40 единки), а пасењето е самотна активност.
И покрај нивната физичка сличност со свињите, нивните најблиски роднини сепак се животните од семејството на китовите (китови, делфини, итн.). Заедничкиот предок на нилскиот коњ и китот се одвоил од останатите копитари пред околу 60 милиони години. Најстарите пронајдени фосили кои спаѓаат во родот кенијапотам датираат од пред 16 милиони години.
Нилскиот коњ е лесно препознатлив по телото со облик на буре, огромната уста и заби, кратките набиени нозе и кожата без крзно. По големина е сличен на белиот носорог, само слонот е многу поголем од него. И покрај големината, нилските коњи се доста подвижни. На кратки растојанија можат да трчаат и 48 км/ч, што е побрзо од олимписки спринтер. Ова животно е едно од најагресивните животни во Африка. Денес се смета дека има помеѓу 125.000 и 150.000 нилски коњи во Супсахарска Африка, од кои 40.000 во Замбија и Танзанија, со најголема популација од 20.000 до 30.000 единки.[1] Овој вид сè уште е загрозен од ловокрадството поради нивното месо и забите, како и од уништувањето на нивното природно живеалиште.
Hippopotamus е род од фамилијата Hippopotamidae. Пигмејските нилски коњи припаѓаат на друг род Choeropsis.
Постојат 5 подвида на нилски коњи кои се категоризирани според морфолошките разлики на нивните черепи и географската распределеност[3]:
Предложените подвидови никогаш не биле целосно признати од биолозите, бидејќи морфолошките разлики се премногу мали и може да се последица на обична варијација меѓу единките.[4] Валидноста на подвидовите била тестирана со анализи на митохондријалната ДНК. Анализирани се примероци од 13 локации, и авторите пронашле мали но сепак важни генетски разлики помеѓу H. a. amphibius, H. a. capensis, и H. a. kiboko. Подвидовите H.a. constrictus и H.a. tschadensis не биле вклучени во истражувањето[5][6].
Нилските коњи заедно со останатите парнокопитни животни се класифицирани во редот Artiodactyla. Во овој ред спаѓаат животни кои не се многу сродни со нилските коњи, како камили, крави, елени и свињи.
Како што кажува и самото име, старите Грци ги сметале овие животни за блиски до коњите. До 1985 година, биолозите ги класифицирале заедно до свињите поради сличноста на катниците. Докази кои вклучуваат протеини од крвта, молекуларни анализи[7] и ДНК,[8] како и фосилни остатоци, покажуваат дека најблиски роднини им се cetaceans (китови, делфини) [9][10]. Сепак иако се сметаат за најблиски живи роднини, нивните лози се одвоиле брзо по одвојувањето од останатите парнокопитни животни.[11][8]
Според најновата теорија за потеклото на Hippopotamidae, нилските коњи и китовите имале заеднички предок кој се одвоил од другите парнокопитни животни пред околу 60 милиони години. [9][8] Овој хипотетичен предок се поделил на двете гранки пред околу 54 милиони години [7]. Едната гранка еволуирала во денешните китови, најверојатно почнувајќи со пракитот Pakicetus пред 52 милиони години [11]. Другата гранка еволуира во anthracotheres – фамилија на четири-ножни животни од кои првите видови кои живееле во доцниот еоцен наликувале на слаб нилски коњ со многу помала глава од денешниот. Сите животни кои се развиле од оваа фамилија се изумрени за време на плиоценот, освен Hippopotamidae во кои спаѓа денешниот нилски коњ.[9]
Еволуциската лоза отприлика би изгледала вака: видовите Anthracotherium и Elomeryx за време на еоценот и олигоценот, преку Merycopotamus и Libycosaurus во миоценот до последните видови од anthracotheres за време на плиоценот.[12] Нивниот заеднички предок живеел во миоценот, пред околу 20 милиони години.
Hippopotamidae се верува дека еволуирале во Африка. Најстариот вид се смета дека е Kenyapotamus – род кој живеел пред 16 до 8 милиони години. Нилските коњи потоа се рашириле низ Европа и Азија, но не се пронајдени на тлото на Америка. Предокот на денешниот нилски коњ живеел во Африка и на средниот исток пред 7,5-1,8 милиони години.[13]
Се смета дека двата денешни рода Hippopotamus и Choeropsis се одвоиле пред 8 милиони години.
Одредени видови од родот Hippopotamus, како европскиот нилски коњ (H. antiquus) и Hippopotamus gorgops живееле на територијата на Европа и Британските Острови. И двата вида изумреле пред последното ледено доба. Предците на Европскиот нилски коњ живееле на многу острови на Медитеранот за време на плеистоценот.[14] И двата вида биле за околу еден метар подолги од денешниот нилски коњ.
Џуџестите нилски коњи од Медитеранот живееле на Крит (H. Creutzburgi), Кипар (H. Minor), Малта (H. Melitensis) и Сицилија (H. Pentlandi). Кипарскиот џуџест нилски коњ се смета дека преживеал до доцниот плеистоцен или ран холоцен. Сѐ уште не се знае со сигурност дали изумирањето на овие видови се должи на активностите на човекот.[15][14]
Нилските коњи се едни од најголемите цицачи. Тие живеат и во вода и на копно. Нивната специфична тежина им овозможува да се спуштат под вода и да одат или да трчаат по дното на реката. Овие животни се сметаат за дел од мегафауната, но за разлика од останатите животни кои спаѓаат во африканската мегафауна, нилските коњи се полуводни животни, адаптирани за живот во езерата и реките.[4]
Поради нивната огромна тежина, тешко е да се измерат единките во дивината. Повеќето проценки се направени за време на проретчувањето на популациите во дивината за време на 1960-те години. Просечната тежина на возрасен мажјак се проценува помеѓу 1500 и 1800 килограми. Женките се помали и тежат помеѓу 1300 и 1500 килограми[4]. Постарите мажјаци се потешки и достигнуваат тежина од 3200 кг, а понекогаш и до 4500 кг[16][17]. Мажјаците нилски коњи се смета дека растат за време на целиот живот, додека женките достигнуваат максимална тежина на 25 години[18].
Нилските коњи во просек се долги 3,5 метри, а 1,5 метри високи до рамениците. По големина се слични со белиот носорог, па не може со сигурност да се каже кој е најголемото копнено животно после слонот. И покрај нивната големина, тие трчаат доста брзо. Се проценува дека брзината варира од 30 до 40 км/час, но понекогаш достигнува и до 50 км/час. Сепак нилските коњи можат да ја одржат оваа брзина само неколку стотини метри.[4]
Животниот век на овие животни е 40 до 50 години[4]. Најстариот нилски коњ во заробеништво е 57 годишната Дона. Таа живее во зоолошката градина Маскер во Евансвил, Индијана [19][20]. Нилскиот коњ кој во заробеништво достигнал најголема старост е Танга, кој умрел во 1995 година на 61 година во Минхен, Германија.[21]
Очите, ушите и ноздрите им се наоѓаат на врвот на главата. Ова им овозможува да седат со целото тело под вода или во калта на тропските реки за да ја одржуваат влажна кожата, но и како заштита од сончевите зраци. Скелетот на овие животни е адаптиран за да ја издржи огромната тежина. Како и останатите водни цицачи, и нилските коњи имаат многу малку влакна[4].
Кожата на нилските коњи лачи супстанција која е природна заштита од сончевите зраци. Оваа супстанција има црвена боја, поради што некогаш е позната и како „крвава пот“. Супстанцијата е всушност безбојна, но добива црвено-портокалова боја во рок од неколку минути, а може да стане и со кафена боја. Во неа се идентификувани два пигмента, црвен и портокалов. И двата пигмента се киселински соединенија и ја апсорбираат светлината која е во опсегот на ултравиолетовите бранови. Сите нилски коњи ги лачат овие пигменти кои ги синтетизираат од прекурсори како аминокиселината тирозин [22].
Hippopotamus amphibious бил распространет низ Северна Африка и Европа пред последното ледено доба. Овој вид бил вообичаен за регионите околу реката Нил во Египет, но денес е истребен. Плиниј Постариот напишал дека во негово време најдоброто место за ловење на ова животно е местото Саис[23]. Денес нилските коњи можат да се сретнат во реките и езерата во Уганда, Судан, Сомалија, Кенија, северниот дел на Демократска Република Конго и Етиопија, западно до Гана и Гамбија, и во Јужна Африка (Боцвана, Јужноафриканска Република, Зимбабве, Замбија). Одвоени популации постојат и во Танзанија и Мозамбик[4].
Докази од направените генетски анализи покажуваат дека обичните нилски коњи во Африка се прошириле за време или после плеистоценот, како последица на зголемените водни површини. Овие сознанија се од голема важност за заштита на денешните популации кои се загрозени од губењето пристап до вода[5]. Нилските коњи се исто така загрозени и од ловокрадството. Во мaј 2006 година ова животно е класифицирано како ранлив вид на црвената листа на МСЗП. Популацијата се проценува на 125.000 до 150.000 единки, намалување од 7-20% од студијата на МСЗП во 1996 година[1].
Популацијата на нилските коњи најмногу е намалена во Демократската Република Конго [24]. Популацијата во Националниот парк Вирунга паднала на 800-900 единки од 29.000 во средината на 1970-те. Се смета дека ловокрадците се поранешни бунтовници од народот Хуту, слабо платените конгоански војници и локалните милициски групи[25][26].
Нилските коњи поминуваат поголем дел од денот тркалајќи се во вода или кал, заедно со останатите членови на нивното крдо. Водата ја одржува температурата на нивното тело и ја одржува влажна нивната кожа. Освен хранењето, нилските коњи речиси целиот живот го поминуваат во вода, вклучувајќи и парење, раѓање и борење.
Нилските коњи излегуваат од вода во квечерината и шетаат на копното понекогаш и до 8 километри за да пасат трева. Тие пасат 4 до 5 часа, и можат да изедат до 68 килограми трева секоја ноќ[27]. Како повеќето хербивори, тие ги јадат речиси сите растенија на кои ќе наидат, но нивната природна исхрана се состои најмногу од трева, додека исхраната со водни растенија е сведена на минимум. Сепак, иако хербивори, нилски коњи се снимени како јадат мрша. Има и други извештаи за нивна исхрана со месо, вклучувајќи и канибализам и предаторство[28]. Желудникот на ова животно не е прилагоден за исхрана со месо, што значи дека овие ситуации се предизвикани од абнормално однесување или дефицит на храна[4].
Возрасните нилски коњи всушност не пливаат и не се способни да се одржуваат на вода. Кога се наоѓаат во длабока вода, тие се движат со отскокнување, одбивајќи се од дното на реката. Во вода се движат со брзина од 8 километри на час. За разлика од нив, младите нилски коњи пливаат. Возрасен нилски коњ излегува на површината да земе воздух на секои 4-6 минути, додека младите излегуваат на површината секои 2-3 минути[4]. Процесот на излегување на површината на водата за да земат воздух е автоматски, па дури и нилски коњ кој спие под вода, излегува и дише без да се разбуди. Кога нуркаат овие животни ги затвораат ноздрите.
Истражувањето на интеракцијата меѓу мажјаците и женките долго време претставувало проблем, поради тоа што кај нилските коњи не постои полов диморфизам[29]. Иако нилските коњи постојано се блиску едни до други, изгледа дека не формираат социјални врски меѓу нив (освен меѓу мајка и ќерка), што значи дека не се социјални животни. Причината поради која седат во групи сè уште е непозната[4].
Територијални животни се само во вода, каде еден мажјак доминира на територија од 250 метри во која има десетина женки. Најголемите крда можат да содржат и до 100 нилски коњи. Во крдото може да има и други мажјаци само доколку тие се однесуваат потчинето во однос на алфа-мажјакот. Оваа територијалност им дава предност на најсилните мажјаци за време на парењето. Додека се во крдо, нилските коњи се групираат, потчинетите мажјаци во една група, женките во друга, а алфа-мажјакот е најчесто сам. Кога излегуваат од вода за да се хранат, тие се однесуваат како самотни животни[4].
Овие животни комуницираат вербално, со гровтање, стенкање и рикање. Нилските коњи имаат уникатна способност да ја држат главата само парцијално извадена од вода и да испратат крик кој се распространува и низ воздухот и низ водата, така што на него можат да одговорат и нилските коњи кои нуркаат и тие над вода[30].
Женките достигнуваат сексуална зрелост на 5-6 годишна возраст. Бременоста трае 8 месеци. Истражувањето на ендокриниот систем на нилските коњи покажало дека можно е женките да влегуваат во пубертет на 3-4 годишна возраст[31]. Мажјаците достигнуваат сексуална зрелост на 7,5 години.
Според истражувањата на нилските коњи во Уганда, парењето се одвива кон крајот на влажната сезона во летниот период, а најголем процент од раѓањата се на крајот на зимата. Исти резултати се добиени и во истражувањата на нилските коњи во Замбија и Јужна Африка [4]. Откако ќе забремени, женката не овулира пак во следните 17 месеци[31].
Парењето се одвива во вода. За време на чинот, женката е претежно под вода, а излегува само да земе воздух. Нилските коњи се едни од ретките цицачи што раѓаат под вода. Младенчињата по раѓањето тежат помеѓу 25 и 45 килограми и во просек се долги 127 сантиметри. Тие мора да испливаат на површината за да го земат првиот здив. Најчесто мајката раѓа само едно младенче, иако понекогаш се регистрираат и близнаци. Младенчињата најчесто седат на грбот на мајката кога се наоѓаат во длабока вода, и нуркаат кога треба да цицаат. Мајката може да ги дои и надвор од вода. Одвикнувањето од доење почнува помеѓу шестиот и осмиот месец, а повеќето млади се целосно одвикнати до првата година[4].
Нилските коњи се многу агресивни животни. Возрасните нилски коњи се непријателски настроени кон крокодилите, кои често живеат во истите езерца или реки. Оваа агресивност е уште повеќе изразена кога во близина има младенчиња. Нилските крокодили, лавовите и дамкастата хиена, можат да ловат млади нилски коњи[32]. Нилските коњи се агресивни и кон луѓето, и често се сметаат за едни од најопасните животни во Африка [33][34]. Се смета дека убиваат повеќе луѓе од кое било друго животно освен комарците [35], но тешко е да се направат точни статистики[24].
Нилските коњи напаѓаат луѓе и бродови[36]. Стив Ирвин, човекот кој си играше со крокодили, сметал дека најстрашното нешто што го снимил било 5-минутното преминување преку река полна со нилски коњи[37]. Телевизискиот канал Дискавери неодамна објави снимка од нилски коњ кој јаде гну. Најпрво нилскиот коњ ги оттргнал двата крокодила со помош на неговата огромна муцка.
За да ја означат својата територија, овие животни ги вртат опашките додека вршат дефекација со што го распрскуваат изметот низ околината[38]. Тие и уринираат наназад, најверојатно поради истата причина за означување територија[39].
Нилските коњи ретко се убиваат меѓусебе, дури и во борибите за територии. Најчесто борбите се прекинуваат кога е веќе очигледно дека едниот нилски коњ е посилен. Кога териториите стануваат пренаселени, алфа-мажјаците понекогаш убиваат новороденчиња, или пак женките го убиваат алфа-мажјакот за да ги заштитат нивните младенчиња, но ниедно од овие однесувања не е вообичаено во нормални услови[40]. Иако се смета дека понекогаш нилските коњи се склони кон канибализам, такво нешто никогаш не било докажано[36].
Првите докази за интеракцијата на луѓето со нилските коњи доаѓаат од цртежите на карпите и гравурите најдени на планините во централна Сахара. Еден таков цртеж на кој е прикажан лов на нилски коњи е пронајден во близина на Џанет, и датира од пред 4000-5000 години. Нилските коњи им биле познати и на античките Египќани, кои ги сметале за крволочни жители на Нил [4]. Во египетската митологија, Таварет (која имала глава од нилски коњ) била божица заштитничка на бременоста и раѓањето[41].
Нилските коњи биле познати и кај историчарите од антиката. Грчкиот историчар Херодот ги опишал нилските коњи во „Историите“ (напишани отприлика во 440 п.н.е.), а романскиот историчар Плиниј Постариот пишувал за нив во неговата енциклопедија Натуралис Хисториа (напишана околу 77 година) [42][23].
Нилските коњи се популарни животни во зоолошките градини. Првиот нилски коњ кој бил донесен во зоолошка градина е Обајш, кој пристигнал во лондонската зоолошка градина на 25 мај 1850 година. Тој привлекувал и до 10.000 посетители дневно. Овие животни без проблем се размножуваат во заробеништво. Нивната стапка на раѓање е помала од таа во дивината, меѓутоа ова се должи на тоа што зоолошките градини го ограничуваат размножувањето, бидејќи нилските коњи се прилично големи и скапи животни за одржување[4].
Повеќето нилски коњи кои денес се наоѓаат во зоолошките градини се родени во заробеништво. Во зоолошките градини ширум светот има доволен број на нилски коњи, така што нема потреба од носење нови животни од дивината. Соработката меѓу зоолошките е многу важна за одржување на генетскиот диверзитет[4].
Живеалиштето на нилските коњи во зоолошките градини се состоело од базен со вода и дел со храна. Во 1980-те години, почнуваат да се конструираат живеалишта кои повеќе наликуваат на нивните природни живеалишта. Како најдобро живеалиште се издвојува она во зоолошката во Толедо, каде базенот за нилските коњи собира 360.000 галони вода[43]. Во 1987 година, научниците за првпат снимиле пораѓање под вода како што се случува во природата (во зоолошката во Толедо). Изложбата била толку популарна, што денес нилските коњи се лого на оваа зоолошка градина[44].
Нилските коњи биле познати кај Грците и Римјаните како „ѕверовите од Нил“. Црвен нилски коњ го претставува и египетскиот бог Сет, кој ја претставува мажественоста. Таварет исто така била претставувана како половина нилски коњ[45]. Библиското суштество Бегемот, исто така, е инспирирано од ова животно.[46]
Исто така, нилските коњи се појавуваат и во африканските народни приказни. На пример, таков е случајот со приказната „Како зајакот го убил нилскиот коњ“ на африканското племе Акамба.[47] Во продолжение, нилските коњи се тема и во одредени дела од уметноста: Така, една песна на Томас Стернс Елиот се вика „Нилски коњ“.[48] [49]
Нилските коњи се популарни ликови во цртаните филмови, каде најчесто поради нивната дебелина се употребуваат како хумористични ликови. Во Дизниевата Фантазија, нилски коњ-балерина игра на операта „Ла Џоконда“.[24]
|accessdate=
(помош) (англиски) Database entry includes a range map and justification for why this species is vulnerable. |date=
(помош) Нилски коњ (науч. Hippopotamus amphibius, од стаогр. ἱπποπόταμος (хипопотамос, ιππος хипос што значи „коњ“ и πόταμος потамус што значи „река“) — голем, претежно тревопасен африкански цицач, еден од двата преживеани видови од семејството на нилските коњи (другиот преживеан вид е пигмејскиот нилски коњ). Тој е најтешкиот претставник од парнокопитните животни.
Нилскиот коњ е полуводно животно, кое живее во реките и езерата на Супсахарска Африка во групи од 5 до 30 нилски коњи. Преку денот ја одржува температурата седејќи во вода или во кал. Парењето и породувањето се одвиваат во вода. Во квечерината излегуваат од вода за да се хранат. Додека се во вода, нилските коњи седат во групи (и до 40 единки), а пасењето е самотна активност.
И покрај нивната физичка сличност со свињите, нивните најблиски роднини сепак се животните од семејството на китовите (китови, делфини, итн.). Заедничкиот предок на нилскиот коњ и китот се одвоил од останатите копитари пред околу 60 милиони години. Најстарите пронајдени фосили кои спаѓаат во родот кенијапотам датираат од пред 16 милиони години.
Нилскиот коњ е лесно препознатлив по телото со облик на буре, огромната уста и заби, кратките набиени нозе и кожата без крзно. По големина е сличен на белиот носорог, само слонот е многу поголем од него. И покрај големината, нилските коњи се доста подвижни. На кратки растојанија можат да трчаат и 48 км/ч, што е побрзо од олимписки спринтер. Ова животно е едно од најагресивните животни во Африка. Денес се смета дека има помеѓу 125.000 и 150.000 нилски коњи во Супсахарска Африка, од кои 40.000 во Замбија и Танзанија, со најголема популација од 20.000 до 30.000 единки. Овој вид сè уште е загрозен од ловокрадството поради нивното месо и забите, како и од уништувањето на нивното природно живеалиште.